Споменикот на таткото на „Воинот на коњ“ од Скопје - Филип Втори рано изутрината околу 8 часот беше поставен на плоштадот „Магнолија“ во Битола.
Поставен е во истиот ден кога се очекува и споменикот на неговиот син Александар Македонски да се исправи во Скопје.
Поставувањето следува откако споменикот 2,5 години помина во општинскиот двор во Битола. Филип Втори, заедно со постаментот, е висок 8 метри, а е дело на велешкиот скулптор Ангел Коруновски.
Подготовките за споменикот се одвиваа уште во текот на ноќта, а новинарите во два часот по полноќ преку порака на мобилен телефон беа информирани за неговото поставување.
Битолчани уште од изутрина доаѓаат на плоштадот и го следат настанот. Повеќето од нив го одобвруваат чинот и коментираат дека Грција нема што да забележува, зашто ова е споменик на основачот на античкиот град Хераклеа крај Битола.